
Дифенбахијата потекнува од тропските предели на Јужна Америка,
и е донесена во Европа во 19-тиот век. Името го добила по германскиот
хортикултурист Ернест Дифенбах, во чија чест било наречено растението.
Таа има големи зелени листови со жолти шари во многу
комбинации. Расте брзо, па мора да ѝ овозможите доволно простор за
растење.
Ова растение не се препорачува да го чувате во просторија каде има
деца. Неговиот сок е отровен, и ако бидете во допир со него може да
дојде до непријатен оток и црвенило на кожата. Затоа внимателно! Кога
ќе одрежувате листови или ќе го пресадувате, користете ракавици.
Дифенбахијата бара умерена светлина,
наводнување и стабилна температура за да се развива успешно.
Поставете ја на светло место, но не на директно сонце, бидејќи тоа
може да предизвика оштетување на листовите. Нема некое одредено време во годината
кога изразено расте, па кога ќе видите дека има нови, млади листови,
прихранете ја и малку повеќе полевајте ја.
Температурата и влажноста исто така играат голема улога. Дифенбахијата
сака стабилна температура без нагли промени и добро се чувствува во топли
простории. Влажноста треба да биде умерена, па затоа е корисно повремено
да се прскаат листовите со вода или да се пребришуваат со влажна крпа
за да се отстрани прашината и да се задржи свежината. Преголемата влага може да предизвика гниење на коренот.
Почвата треба да биде хранлива и пропустлива, со добар дренажен систем. На секои
две до три години препорачливо е растението да се пресади во нова земја за да
се освежи супстратот и да се обезбеди доволно простор за корените. Ова ќе помогне
дифенбахијата да продолжи да расте силно и здраво. Повремено оросувајте ја, а полевајте
секој втор, трет ден во лето, а во
зима еднаш седмично. Ако ѝ пожолтат листовите, премногу ја залевате.
Кога ќе остари, долните листови умираат и тоа не може да го спречите.
Кога ќе стане неубава и нестабилна, едноставно одрежете ја на околу
10 см над земјата, над местото од каде растеле листовите. Таа ќе пушти
млади листови. Делот што сте го отсекле не го фрлајте, бидејќи може
да послужи за размножување. Одрежете го на делови долги 7-8 см и
посадете ги во земја. Внимавајте само делот кој растел кон земјата, сега
да го забодете во земја.